Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ успешно го започна настапот на Вимблдон, совладувајќи го Французинот Александре Мулер (41. на АТП листата) со 3-1 во сетови (6-1, 6-7, 6-2, 6-2).
Најдобриот тенисер на сите времиња ѝ отпоздрави на публиката на Централниот терен во Лондон, а потоа симулираше движење на „пумпање“ – гест кој стана симбол на студентските протести против режимот во Србија, по трагедијата со падот на настрешницата во Нови Сад, кога загинаа 16 лица.
Иако потешко од очекувањата, по речиси три часа борба, Ѓоковиќ избори пласман во второто коло на третиот гранслем турнир во сезоната.
На прес-конференцијата по мечот, тој го објасни значењето на движењето со „пумпање“ што го направи по победата.
„Тоа е нешто помеѓу мене и моите деца. Имаме две песни што често ги слушаме во последно време. Разговаравме дека таа кореографија би била одлична за прослава по победите на Вимблдон. Така ќе славам и понатаму на турнирот. Се работи за симболична паралела“, изјави Ѓоковиќ.
Тој ги откри и двете песни што ја инспирирале кореографијата.
„Едната е странска ‘денс’ песна по име „Pump It Up“, а другата е „Баци све са себе“, каде што во еден момент се пее: ‘пумпај, пумпај, зошто застана’“, додаде насмеаниот тенисер.
Во второто коло, Новак Ѓоковиќ ќе игра против британскиот тенисер Даниел Еванс, кој се наоѓа на 154. место на АТП листата.