12.8 C
Skopje
петок, 17 октомври 2025

Ѓоковиќ: Се чувствувам како да ме прегазил воз, може ли некој да ми позајми помладо тело?

Новак Ѓоковиќ синоќа седми пат по ред беше поразен од Јаник Синер, а по мечот призна дека во моментов нема што повеќе да понуди за да се спротивстави на најдобрите двајца тенисери во светот, Синер и Алкарас.

Синер во полуфиналето на турнирот на „Шесте крала“, кој се игра во Саудиска Арабија, го совлада Ѓоковиќ лесно во два сета со 6-4, 6-2.

Верувале или не, ова е седма последователна победа на италијанскиот тенисер против Ѓоковиќ, што покажува дека годините го стигнале српскиот ас и дека веќе нема многу шанси против најдобрите на светот.

Тоа го призна и самиот Ѓоковиќ со искрена изјава:


„Се чувствувам како да ме прегазил воз. Јаник удираше од сите страни и беше едноставно предобар. Секоја му чест и среќно во финалето“, изјави кратко Ѓоковиќ, па додаде и за својата иднина:

„Секогаш вреди да се игра поради страста и љубовта кон тенисот, но извинете на изразот — не е добро кога некој вака ќе ти го ‘испере газот’. Се трудам и давам сè од себе. Имав неверојатна кариера и би сакал некој да ми позајми помладо тело на една година. Сè уште имам мотив, но многу е тешко да се игра против Синер и Алкарас“, рече српскиот ас.

Со пласманот во финалето на турнирот во Саудиска Арабија, Синер ќе игра против Карлос Алкарас.

- Оглас -

Најнови вести