Ѓоковиќ: Се мачам да играм на посакуваното ниво

Новак Ѓоковиќ ја прокоментира неочекуваната елиминација од Индијан Велс, откако загуби во второто коло од Холанѓанецот Ботик ван де Зандшулп.

„Работите дефинитивно се поинакви за мене во последните неколку години. Се мачам да играм на посакуваното ниво. Тука и таму имам неколку добри турнири, но најчесто тоа е голем предизвик и борба. Таква е ситуацијата во моментов, ништо не може да ве подготви за вакви моменти. Мора да ги искусите и да се обидете да се справите најдобро што можете“, изјави Ѓоковиќ.

На прашањето за можни физички проблеми, српскиот тенисер остана мистериозен.

„Секогаш нешто се случува, но не сакам да зборувам за тоа. Нема изговори за лошиот настап. Ова беше само еден лош ден на работа за мене.“

„Првите три-четири гема од третиот сет беа тесни. Имав свои шанси, но ужасно грешев. Кога ќе го анализирам овој меч, ќе ми биде појасно што можев да направам подобро. Тој одигра неколку одлични поени на брејк-топки, но јас самиот се доведов во ситуации во кои не смеев да бидам“, додаде Ѓоковиќ.

Следен предизвик за српскиот тениски ас ќе биде настапот во Мајами.

- Оглас -

Најнови вести