Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ успешно ја започна трката по својата стота титула во кариерата.
Во мечот од второто коло на турнирот од Мастерс серијата во Шангај, Ѓоковиќ го совлада 43-тиот играч на АТП листата, Американецот Алекс Михаелсен, 2:0, по сетови 7:6 (7:3) и 7:6 (11:9).
Мечот траеше еден час и 55 минути, а Србинот сега го очекува подобриот од дуелот меѓу Швајцарецот Стан Вавринка и Италијанецот Коболи, чии натпревар е закажан за рано наутро по средноевропско време.
Ѓоковиќ лошо го започна мечот, бидејќи веднаш му дозволи на противникот да направи брејк, па Михаелсен по првите три гема водеше со 3:0.
Американецот имаше и водство од 4:1, но тогаш Ѓоковиќ успеа да влезе во својот препознатлив ритам на игра, ги освои следните три гема и успеа да го анулира заостанувањето зад ривалот.
Одлуката падна во тај-брејк, каде што Ѓоковиќ беше подобар и без поголема драма го доби финишот на овој сет.
Изгледаше дека Ѓоковиќ ќе има полесна задача во вториот сет, бидејќи со брејк предност поведе со 4:1 во гемови, но потоа следеше нова криза во неговата игра. Тој загуби осум од десетте поени по водството од 4:1 и му дозволи на Михаелсен да се врати во игра.
Американецот израмни на 4:4 во гемови и потоа го одведе и вториот сет во тај-брејк. Но, Ѓоковиќ по традиција игра одлично во тај-брејк, така беше и овојпат. По третата меч-топка и две спасени сет-топки на противникот, конечно го скрши отпорот на Михаелсен и избори пласман во третото коло.