Новак Ѓоковиќ многу потешко од очекуваното дојде до пласман во четвртфиналето на АТП турнирот во Шангај, Кина. Србинот со 2-1 славеше над 41-виот тенисер во светот, Жаиме Муњар од Шпанија.
Најдобриот тенисер во историјата направи брејк во четвртиот гејм од првиот сет, а тоа беше доволно за водство од 1-0 (6-3). Во вториот сет, Шпанецот одлично се држеше и не само што не му дозволи на противникот да дојде до брејк, туку тоа го направи и самиот во 12-тиот, воедно и последен гејм за израмнување на 1-1 (7-5).
Сепак, во решевачкиот сет, Новак Ѓоковиќ не дозволи ново изненадување и со два брејка, во првиот и во седмиот гејм, дојде до победа од 2-1 откако го доби сетот со убедливи 6-2.
Следен противник на Новак Ѓоковиќ на турнирот во Шангај ќе му биде Зизу Бергс од Белгија, кој е 44-ти на АТП ранг-листата.