Ѓоковиќ се жали: Нешто мора да се менува во тенисот!

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ реши да се бори за револуција во тенисот, порача дека линиските судии треба да бидат укинати, а предложи уште една измена: на сите турнири мечевите да се играат во два добиени сета.

Од 2008 година наваму, само гренслем-натпреварите се играат во три добиени сета.

„Иако постои традиција на гренслем-натпреварите да се игра во три добиени сета, јас се залагам и таму да се игра во два. Мислам дека имаме многу мечеви и турнири во текот на годината. Имаме најдолга сезона од сите спортови на светот. Играме од јануари до ноември, секоја недела се играат турнири низ цел свет. Пократки мечеви би донеле поголема заработка и тенисот би станал попривлечен маркетиншки производ. Треба да се прилагодиме кон младите генерации“, изјави Ѓоковиќ по истражувањата дека просечен љубител на тенисот е стар 61 година.

Ѓоковиќ додава дека нешто мора да се смени.

„Дали ќе се скрати бројот на гејмови, на сетови, дали ќе се промени календарот или системот на бодување, не знам, но нешто мора да се смени“, вели Новак, но отпорот за вакви радикални промени е голем.

Противниците на идејата за гренслем-натпреварите да се играат во два сета сметаат дека убавината и посебноста на гренслем-натпреварувањата во однос на другите турнири е во тоа дека победник може да биде само некој што е технички, тактички и физички најподготвен.

Србинот во кариерата 42 пати играл мечеви со пет сета и има 32 победи. Попладнево Новак во Лондон се среќава со Александер Зверев и победникот од тој дуел ќе се најде во полуфинале на завршниот АТП Мастерс, каде што ќе игра со Доминик Тим. Другата полуфинална двојка е Медведев – Надал.

- Оглас -

Најнови вести