Ѓоковиќ: Секогаш сум бил поблизок со Надал отколку со Федерер

Српскиот тенисер и рекордер по број на гранслем-трофеи, Новак Ѓоковиќ, во интервју за швајцарски „20мин“ раскажа за односите со неговите најголеми ривали Роџер Федерер и Рафаел Надал.

„Отсекогаш сум ги почитувал и Надал и Федерер. Никогаш не сум рекол лош збор за нив и никогаш нема да кажам. Ги почитував и продолжувам да ги почитувам. Но, секогаш се согласував подобро со Надал, можеби поради возраста“, рече Србинот.

Ѓоковиќ во својата кариера има освоено 24 гранслем-титули, Надал е втор со 22, а Федерер освои 20.

Новак се пожали и за недостатокот на истата љубов на навивачите како кај Роџер и Рафаел.

„Јас сум личност со многу недостатоци. Сепак, секогаш се обидував да живеам со моето срце и добри намери. Сакав да бидам свој. Се однесував така, а сепак се чувствував како несакано дете. Се прашував зошто. Болеше. Потоа помислив дека навивачите ќе ме прифатат ако се однесувам поинаку. Но, ниту тоа не се случи. Никогаш не бев сакан како Федерер и Надал затоа што не требаше да бидам таму. Бев несаканото дете, третиот човек што влезе и рече: „Ќе бидам број еден“. На многу луѓе тоа не им се допадна. Само затоа што некој ми е најголем ривал, не значи дека му посакувам лошо, го мразам или сакам да направам нешто друго на теренот за да го победам“, вели Србинот.

- Оглас -

Најнови вести