14.8 C
Skopje
сабота, 12 јули 2025

Ѓоковиќ направи шоу и сега повторно е број 1 на АТП во светот, сензација е испаѓањето на четвртиот носител

По две години пауза, Новак Ѓоковиќ на доминантен начин се врати на гренслем-турнирот во Њујорк, Отвореното првенство на САД. Во првото коло, за само 85 минути игра, Србинот лесно со 3:0 во сетови го победи Александар Милер од Франција.

Со оваа победа Ѓоковиќ освои 45 поени, кои му беа доволни за повторно да се врати на врвот на АТП-листата. Ноле заостануваше само 20 бода зад Карлос Алкарас, но со оваа победа веќе е сигурно дека Србинот ќе биде лидер на АТП-листата, а тоа официјално ќе се случи на 11 септември, по завршувањето на ОП на САД.

Во првиот сет Ѓоковиќ немаше милост и само за 24 минути игра го доби со перфектни 6:0. Малку повеќе траеја следните два сета, кои му припаднаа на Србинот со 6:2 и 6:3, па на убедлив начин се врати на турнирот каде што претходните две години не можеше да игра откако немаше дозвола за влез во САД.

Сензација во првото коло е испаѓањето на Холнер Руне, кој е четврти на АТП-листата. Данецот загуби со 1:3 во сетови од Роберто Карбаљес Баена од Шпанија. Непосредно пред мечот, Руне се жалеше поради тоа што игра на теренот број 5, а не на некој од поважните терени во Њујорк.

„Ова е мапата на ОП на САД, ако можете да го најдете теренот број 5, таму ќе играм во првото коло“, беше коментарот на Руне на социјалните мрежи. За негова жал, оваа година нема да види друг терен на овој гренслем-турнир затоа што е елиминиран на самиот старт.

- Оглас -

Најнови вести