23.8 C
Skopje
среда, 23 јули 2025

Ѓоковиќ: Шокиран сум со нивото на својата игра, цел турнир бев далеку од мојот стандард

На прес-конференцијата по поразот од Јаник Синер во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија, Новак Ѓоковиќ, кој на овој турнир имаше серија од 33 победи по ред и немаше пораз уште од 2018 година, кога беше совладан од Кореецот Хјеонг Чунг, рече дека е шокиран од своето издание.

„Честитки до Синер, ме надигра, заслужи да игра финале. Шокиран сум со нивото на мојата игра. Ова ми е еден од најлошите мечеви на гранслемите во последните години. Цел турнир играв под нивото на кое треба да бидам. Можеби само против Манарино играв добро, останатото беше послабо од тоа што обично го играм во Австралија“, рече Ѓоковиќ.

Како една од клучните слабости денеска на Ѓоковиќ му беше ритернот, тој не доби ниту една брејк-шанса, и тоа првпат во кариерата на еден гранслем.

„Ритернот е само еден од аспектите кои не функционираа денеска. Немав брејк прилика, тешко му ги читав сервисите и тој играше послободно. Јаник немаше многу повеќе винери од мене, но јас имав многу повеќе грешки. Почеток на сезоната е, не сум навикнат на вакво чувство, првпат губам полуфинале во Австралија, ќе видиме како ќе биде понатаму“, додаде Ѓоковиќ.

- Оглас -

Најнови вести