Ѓоковиќ: Син ми навиваше за Надал во финалето на АО и праша кога пак ќе играм против него

Новак Ѓоковиќ во опширното интервју дадено за ББЦ вели дека додека траела целата драма во Мелбурн, многу бил разочаран од односнот на останатите тенисери.

„Колегите многу ме повредија. Ја почувствував нивната лоша енергија и негативните погледи од сите нив. Разбирам дека имаат перцепција врз основа на тоа што го дознаваат од медиумите, а јас претходно не сакав да зборувам затоа што ја почитувам правната постапка во Австралија, но и самиот турнир во Мелбурн“, вели Ѓоковиќ.

Србинот во првиот дел од интервјуто рече дека не е антиваксер, но дека нема шанси да се вакцинира дури и по цена на сите трофеи кои ги има освоено во кариерата.

„За мене е најважна грижата за моето тело. Тоа ми е приоритет затоа што знам дека здравото тело ќе ми даде долговечност, но и шанса уште долго време да играм тенис“, додава Ѓоковиќ.

Запрашан за тоа дали го гледал финалето меѓу Рафаел Надал и Данил Медведев, Ноле откри интересен момент. „Не сакав да го гледам мечот затоа што сакав јас да играм на него. Беше интересно затоа што сопругата Јелена навиваше за Медведев, а синот Стефан за Надал. Кога заврши финалето, ме запраша кога повторно ќе играм против Рафаел затоа што би сакал да се фотографира со него. Му реков дека се надевам дека наскоро повторно ќе се сретнеме на теренот“, открива Новак.

Србинот додаде дека му е жал што бил позитивен на корона-вирусот, а сепак заминал да даде интервју на „Лекип“ во декември, дека додека ги организирал турнирите Адрија, биле почитувани сите мерки според протоколите кои во тие моменти биле на сила и дека корона-вирусот го сфаќа многу сериозно.

- Оглас -

Најнови вести