Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ мора да биде задоволен од ждрепката за Отвореното првенство на Австралија, каде што оди по својата 22-ра гренслем-титула во кариерата, а десетта во Мелбурн.
Новак, кој е четврти носител, во првото коло ќе се сретне со Шпанецот Роберто Карбаљес Баена, во третото коло би имал дуел со Бугаринот Димитров или српско дерби со Ѓере, а на патот до финалето ги избегнува Рафаел Надал и Данил Медведев, кои се во другата половина од ждрепката.
Најопасни можни ривали на Ѓоковиќ, кој е прв фаворит за титулата и според квотите во Sport Life, се Ник Кирјос, Андреј Рубљов, Александер Зверев, Матео Беретини, Холгер Руне и Каспер Руд.