Новак Ѓоковиќ пред почетокот на Мастерсот во Шангај, имаше јасна порака до најдобрите светски тенисери Јаник Синер и Карлос Алкарас дека не е обесхрабрен од поразите кои ги претрпе од нив последниве години.
Во Шангај, Новак повторно ќе има потенцијални дуели со Синер во полуфиналето и Алкарас во финалето.
„Играњето во три добиени сета против овие момци во подоцнежните фази од турнирите се голем предизвик за мене. Чувствувам дека во полуфинале не влегувам толку свеж како нив. И тоа е во ред, биологијата е таква и морам да го прифатам тоа. Работам напорно затоа што сè уште сакам да ги предизвикувам, да се предизвикувам себеси, да видам колку добро можам да играм… На овие турнири што се играат на два освоени сета, чувствувам дека имам поголеми шанси да освојам трофеј. Стигнувањето до полуфиналето на секој гранслем дава претстава за конзистентноста на мојот тенис. Затоа не сум обесхрабрен. Не играм само за да освојам трофеи, туку и за да ја добијам наклонетоста на навивачите и да придонесам за развојот на тенисот низ целиот свет. Тоа ме мотивира. Ме фаќаат морници кога излегувам на теренот и ги слушам луѓето како го скандираат моето име“, раскажува Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ кажа и дека ужива во играњето во Кина, каде што има поддршка од фановите како ретко каде на друго место.
„Овој турнир беше многу важен во мојата кариера поради поддршката и наклонетоста што ја добив од луѓето овде. Сакам да играм пред кинеска публика, се чувствувам како дома и добивам посебна енергија. Не добивам толку многу поддршка никаде на друго место во светот како тука, освен во мојата земја, се разбира“, рече Ѓоковиќ на прес-конференцијата.