24.8 C
Skopje
сабота, 23 август 2025

Ѓоковиќ: Србија е на работ на граѓанска војна, на луѓето не им е до спорт

Србија летово го загуби АТП турнирот кој се играше во Белград, откако тениската асоцијација реши турнирот да биде преселен во Атина поради неможноста да се обезбедат безбедносни услови за играње во главниот град на Србија. Тоа е пред се поради неколкумесечните протести кои траат во Белград.

За целата оваа ситуација зборуваше и Новак Ѓоковиќ, кој е во Њујорк каде се подготвува за настап на Отвореното првенство на САД.

„Се што можам да кажам е дека ние не сакавме да го преселиме турнирот. Тоа е се што сакам да кажам. Но, за жал така е како што е“, рече Ѓоковиќ, кој беше најзаслужен што Белград го доби тој АТП турнир.

Тенисерот кој има рекордни 24 гренд-слем турнири додава дека во Атина биле дочекани најубаво.

„Се радуваме што ќе дојдеме во Атина, место каде навистина бевме дочекани пријателски. Многу сме среќни што ќе имаме шанса да играме АТП турнир во тој град по пауза од триесетина години. Тоа е голема работа за Грција, земја која е поголема од Србија, но е слична во менталитетот. Сакаат кошарка, сакаат спорт. Во тенисот го имаат Циципас и Сакари кои веќе со години се на врвно ниво“, вели Ѓоковиќ кој не можеше а да не зборува и за ситуацијата која моментално е во Србија.

„Состојбата во Србија е таква што на луѓето сега најмалку им е до спорт. Многу работи се случуваат, има голема тензија меѓу народот и државата. Се надевам дека работите малку ќе се смират, затоа што премногу ескалираа. Буквално сме на работ на граѓанска војна. Се надевам дека работите ќе се смират, но не постојат знаци за такво нешто“, додаде српскиот тенисер.

 

- Оглас -

Најнови вести