31.8 C
Skopje
недела, 14 септември 2025

Ѓоковиќ сруши уште еден рекорд на Федерер и откри што очекува од полуфиналето со Синер

Новак Ѓоковиќ повторно е во полуфинале на гранслем-турнир, овојпат на Вимблдон. Рекордерот по бројот на титули на гранслем-турнирите вкупно по 52-ри пат е меѓу најдобрите четири на елитните натпреварувања. Што се однесува до Вимблдон, Ѓоковиќ по рекорден 14-ти пат ќе игра во полуфинале. Со ова Ноле зад себе го остави Роџер Федерер, кој има 13 полуфиналиња на Вимблдон.

За место во полуфиналето, Ѓоковиќ го победи Флавио Коболи од Италија со 3:1 во сетови. По победата, Србинот беше задоволен.

„Задоволен сум од начинот на којшто играм. Можам ли да направам повеќе од ова, во однос на подготовката, не знам, можеби. Имам околу 10 луѓе во тимот кои работат секојдневно на секој аспект од она што се случува на теренот, подготовка, закрепнување… Понекогаш се заморувам од сè што треба да направам за да бидам подготвен, поминувам многу време во сала за вежбање, на маса… Се обидувам да работам со она што го имам. Среќен сум што на 38 години се движам вака и на начинот на којшто играм. Тоа отсекогаш ми била најголема цел, да постигнам добри резултати на гранслем-турнирите. Ќе видиме. Јаник и Карлос се доминантна сила. Но, сега треба да го победам тенисерот број еден во светот, а потоа и Алкарас. Се надевам дека физички ќе можам да го издржам тоа. Повеќе ме интересира тоа отколку како играм“, рече Ѓоковиќ.

Во полуфиналето, Ѓоковиќ ќе игра против Синер, а Србинот е воздржан во коментарите.

„Не очекувам ништо, треба да се опоравам сега, да го подготвам телото за тежок натпревар. Се надевам дека ќе можам да се борам со него пет сета. Ќе морам да дадам сѐ од себе за да го победам, го знам тоа и само за тоа можам да мислам – да бидам во соодветна физичка и ментална кондиција за да можам да се борам со него“, коментираше Ѓоковиќ.
- Оглас -

Најнови вести