Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласира во полуфиналето на АТП-турнирот во Атина откако во два сета славеше над Португалецот Нуњо Боржеш со 7:6 и 6:4.
Со оваа победа Ѓоковиќ го продолжи походот кон втората титула во сезоната, а вкупно 101-ва АТП-титула во кариерата. Интересно е дека ова е 199-ти пат Ноле да се пласира во полуфинале на АТП-турнир, а триумфот над Боржеш за него е јубилејна 200-та победа во кариерата на мечеви кои се играат во сала.
Повеќе од еден час траеше првиот сет во кој двајцата тенисери беа сигурни на свои сервиси. Ѓоковиќ имаше три брејк топки, а Португалецот имаше две шанси да земе гејм на сервис на Србинот, но тоа не се случи, па по 6:6 мораше да се игра тај-брејк. Ѓоковиќ е познат како „кралот на тај-брејкот“, а тоа го потврди и денеска, па со убедливи 7:1 го доби тај-брејкот и стигна до 1:0 во сетови.
Во вториот сет двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис до 3:3. Потоа се случи клучниот момент во овој сет бидејќи Ѓоковиќ успеа да го освои сервисот на противникот и поведе со 4:3, а потоа до крајот беше сигурен на свој сервис и славеше со 6:4 за конечна победа и пласман во полуфиналето.

