По уште еден анталогиски меч ќе се памти денешниот датум во светот на тенисот. Се игра финалето на олимпискиот турнир во Париз (14 часот), а во борба за златото ќе се сретнат Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкарас.
Ѓоковиќ е најуспешниот тенисер на сите времиња, а Алкарас е моментално најдобриот во светот. Шпанецот кој има само 21 година, сезонава триумфираше на Ролан Гарос и на Вимблдон и тие трофеи ги освои во последниве два месеци, што само потврдува дека е во врвна форма. Алкарас има 20 победи во последните 21 мечеви што ги одигра, што само е потврда дека моментално е најдобар, но секако тоа ништо не мора да значи кога против себе го има најдобриот на сите времиња.
На Вимблдон, Алкарас без никакви проблеми со 3:0 во сетови го победи токму Ѓоковиќ. Со тој триумф, Алкарас израмни на 3:3 во победи против легендарниот Ноле. Денеска ќе биде нивниот седми дуел.
Ѓоковиќ кој има рекордни 24 гренд слем титули, никогаш досега нема освоено злато на ЛОИ. Дури во четвртиот обид, Ѓоковиќ стигна до финалето и постави рекорд на најстар учесник во дуелот за златото со полни 37 години. Србинот цела кариера го чекаше овој момент, овој меч, ова финале на ЛОИ, а сега ќе треба да се соочи со најдобриот во моментов.
Според квотите во Sport Life, Алкарас е фаворит за победа, но фактот дека ова е последен меч за Ѓоковиќ на ЛОИ сигурно ќе му даде дополнителен мотив на Србинот да стигне до единственото злато кое му недостасува од големите тениски турнири.