Српскиот ас Новак Ѓоковиќ обезбеди пласман во своето прво финале оваа сезона, совладувајќи го Бугаринот Григор Димитров со 6-2, 6-3 во полуфиналето на Мастерсот во Мајами. Мечот влезе во историјата како најстаро полуфинале на еден Мастерс турнир, со вкупна возраст на тенисерите од 71 година и 262 дена.
Иако мечот за Ѓоковиќ почна со загубен сервис-гем, тој веднаш возврати, го врати брејкот и од тој момент тотално го презеде контролата на теренот. Првиот сет беше рамноправен до 2-2, но потоа Новак врза четири гема во низа за убедливи 6-2.
Во вториот сет, светскиот број 5 уште на стартот направи брејк и поведе со 3-0, а до крајот на мечот не му дозволи на Димитров ниту една брејк-топка.
Со пласманот во финалето, Ѓоковиќ собори уште еден рекорд – на 37 години и 301 ден, стана најстариот финалист на еден Мастерс турнир, престигнувајќи го Роџер Федерер, кој истиот рекорд го постави во Мајами во 2019 година.
Во борбата за трофејот, Новак ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Тејлор Фриц и Јакуб Меншик. Доколку стигне до титулата, тоа ќе биде неговиот јубилеен, 100-ти АТП трофеј во кариерата.