Ѓоковиќ: Во еден момент почнав да се сомневам во мојата игра

Новак Ѓоковиќ го продолжи патот кон олимпиското злато откако со 2:0 во сетови го победи најголемиот ривал Рафаел Надал. Ова беше нивни јубилеен 60 меѓусебен дуел, а Србинот стигна до 31 победа против Надал.

Во првиот сет Ѓоковиќ беше убедлив и го доби со 6:1, а потоа во вториот водеше со 4:0, но Шпанецот се врати и стигна до 4:4, за да на крајот Новак да направи брејк за 5:4 и го доби сетот со 6:4.

„Мора да биде комплицирано. Така е секогаш на нашите мечеви, посебно кога играме на големи турнири. На овој стадион имаме одиграно многу мечеви. Тој има подобар биланс кога се работи за дуелите на земја, но во последните четири-пет години успевав да најдам решение. Две години немавме играно, затоа што тој беше повреден. Тоа се почувствува во играта. Јас почнав малку да се сомневам во моите удари и дозволив да ја превземе позицијата на теренот. Тогаш дојде израмнувањето во вториот сет. Решавачкиот девети гем во вториот сет кога го брејкнав знаев дека ќе имаме нови топчиња и дека се ќе биде во ред“, рече Ѓоковиќ по победата над Надал.

Олимпиското злато е единствениот значаен медал кој недостасува во пребогатата ризница од трофеи на Ѓоковиќ.

„Секако дека е подобро кога го немам Надал на патот. Посебно кога се работи за меч на земја. Знаев дека ќе биде тешко за двајцата, но бев подготвен. Пред почетокот на Игрите добро тренирав и имав време да бидам подготвен за овој дуел“

- Оглас -

Најнови вести