Првиот тенисер на АТП ранг-листата, Новак Ѓоковиќ, не се наоѓа меѓу десетте најисплатливи спортисти во светот на маркеншки план на годишната листа која ја изработува „Спортс про“.
Ѓоковиќ иако доминира на тениските терени и годинава освои три гренслем-титули, е на 11-то место на оваа листа, а веднаш зад него е победничката од Отвореното првенство на САД, Коко Гоф, која со 19-години е најдоброрангирана тинејџерка.
На првото место на листата која се дели во три компоненти: јачина на брендот, големина на пазарот и економија, се наоѓа Лионел Меси. Ова е вторпат Меси да биде најисплатлив спортист на светот откако се прави оваа листа, а на второто место се најде НБА-ѕвездата, Леброн Џејмс.
На третото место е американската фудбалерка Алекс Морган, а потоа следи ѕвездата на Милвоки бакс, Јанис Адетокумбо. Листата на пет најисплатливи спортисти ја затвора уште една американска фудбалерка, Меган Рапино, која неодамна се пензионира од репрезентацијата.
Од шестото до десеттото место на листата на десет најисплатливи спортисти се наоѓаат Михаел Шифрин (скијање, САД), Луис Хамилтон (Формула 1, Англија), Симон Бајлс (гимнастика, САД), Килијан Мбапе (фудбал, Франција) и Макс Ферстапен (формула 1, Холандија).
Минатата година, најисплатлив спортист на маркетиншки план беше Кристијано Роналдо, кого сега исто како и Ѓоковиќ, го нема меѓу првите десет.