3.8 C
Skopje
среда, 28 јануари 2026

Ѓоковиќ во одбрана на Гоф: Изненаден сум што не нè снимаат и како се тушираме

Српскиот тенисер и 24-кратен шампион на гранслем-турнирите, Новак Ѓоковиќ, проговори и за постојаното снимање на спортистите на Отвореното првенство на Австралија.

Претходно полската тенисерка Ига Швјонтек, која двапати ја фатија во незгодна ситуација (еднаш како плаче на маса за масирање и еднаш како ја заборавила акредитацијата и не ја пуштаа да влезе), го спореди гледањето тенисери во поттрибинскиот простор со гледање животни во зоолошка градина.

„Го видов тоа што ѝ се случи на Коко Гоф и сочувствувам со неа. Тажно е што не можеш да се скриеш никаде и да правиш што сакаш, во нејзиниот случај да ја извадиш таа фрустрација, лутина од себе. Живееме во општество каде што содржината е сè. Ова е за подлабока дискусија. Тешко ми е да замислам дека овој тренд ќе се промени. Ќе има исто толку, или дури и повеќе камери. Изненаден сум што немаме камери кога се тушираме. Тоа е веројатно следниот чекор“, рече Ѓоковиќ.

„Мислам дека треба да има ограничување и граница каде што е нашиот личен простор. Но, од комерцијална гледна точка, секогаш има побарувачка. Луѓето сакаат да нè видат како пристигнуваме со автомобил и одиме по ходниците. Мора да бидеме внимателни. Навикнувањето на идејата дека секогаш ве гледа нечие око кое понекогаш го заборавате е страшно. Понекогаш едноставно сакате да се релаксирате и да бидете свои на начин на којшто не сакате јавноста да го види“, додаде Новак. 

Овие реакции дојдоа по снимката на која Коко Гоф одејќи кон соблекувалната, од лутина го крши рекетот, несвесна дека ја снимаат.

- Оглас -

Најнови вести