Новак Ѓоковиќ не се откажува од идејата да стигне до 25-тата гранслем-титула и подготвен е за настап на Отвореното првенство на САД. Во првото коло Ѓоковиќ ќе игра против Американецот Лернер Тијен, а терминот за настап е историски.
За првпат во историјата мечевите од првото коло ќе стартуваат во недела, а не како што е долгата традиција да започне во понеделник.
Според распоредот, Ѓоковиќ на главниот терен треба да излезе во 19 часот по локално време, односно 1 часот по полноќ по македонско време.
Тијен е 19-годишен тинејџер кој веќе е на 48-мото место на АТП-листата, а во кариерата може да се пофали со победи над Данил Медведев во Мелбурн и против Александер Зверев во Акапулко.
Ѓоковиќ во Њујорк ќе биде дури седми носител и ќе има значително отежнат пат кон финалето на овој турнир.