Ѓоковиќ за првпат се појави пред медиумите по пристигнувањето во Австралија: Тоа не можам да го заборавам до крајот на животот

Српскиот тенисер пред два дена пристигна во Австралија, земјата од која пред неполна година беше депортиран и веќе го одработи првиот тренинг со неговиот пријател Канаѓанецот Васек Поспишил, а се појави и пред медиумите.

Новак за австралиските медиуми објасни какво е чувството да се врати во земјата, како и дека не заборавил што се случуваше во Мелбурн на почетокот од годината.

„Одлично е чувството да се вратам во Австралија, тоа што се случи пред 12 месеци не беше лесно за мене бидејќи во оваа земја остварив фантастични резултати, посебно во Мелбурн. Отвореното првенство на Австралија е мојот најуспешен гренслем-турнир, го освоив девет пати и секогаш се чувствував фантастично во Австралија. Тука го играв најдобриот тенис, имав голема поддрша и се надевам дека повторно ќе имам добри резултати. Аделаида е еден од првите турнири кои ги освоив како професионалец“, беше првата изјава на Ѓоковиќ по пристигнувањето во Австралија.

Тој потоа зборуваше и за искуството што го доживеа пред 12 месеци, кога беше уапсен, потоа беше сместен во хотел за мигранти, а откако беше одбиена неговата жалба од судот, беше протеран од земјата и доби тригодишна забрана за влез во земјата. Но, новата австралиска влада ја укина забраната и му дозволи на Новак да настапи на Отвореното првенство на Австралија.

„Тоа што се случуваше, не можете да го заборавите. Тоа е нешто што останува со вас до крајот на животот. Никогаш претходно не сум доживеал такво нешто и се надевам дека нема да ми се случи повторно. Тоа беше важно животно искуство за мене кое ќе остане со мене, но морав да продолжам со животот. Враќањето во Австралија покажува што мислам за Австралија“, додаде Новак.

- Оглас -

Најнови вести