Новак Ѓоковиќ ги освои титулите на тениските отворени првенства на Австралија и Франција, па вторпат во кариерата е на половина пат до таканаречен Златен слем во една календарска година. Србинот вчера триумфираше на „Ролан Гарос” со победа од 3-2 во сетови над Стефанос Циципас и дојде до 19-тата гренслем-титула во кариерата.
Ноле стана прв тенисер кој има барем по две титули на секој од четирите гренслема и сега е само на еден триумф од рекордерите Роџер Федерер и Рафаел Надал, кои имаат по 20.
„Мислам дека е можно годинава да ги освојам сите гренслем-турнири. Направив нешта за кои многу луѓе сметаа дека е невозможно да ги направам. Во добра позиција сум да се обидам да освојам Златен слем. Бев во иста положба и во 2016 година, кога победив во Мелбурн и Париз, но таа година испаднав во третото коло на Вимблдон“, изјави Ѓоковиќ.
Лани не се одржа Вимблдон, па Ѓоковиќ ќе влезе како бранител на титулата од 2019 година и ќе атакува на шеста титула на тревнатите терени на „Ол Ингланд“ клубот во Лондон. Потоа, ќе се фокусира на олимписките игри во Токио и на Отвореното првенство на САД како последен гренслем годинава.
„За неколку дена почнувам да се фолкусирам на Вимблдон. Не ми е проблем да кажам дека таму одам по титулата. Победив во 2018 и 2019 година, се надевам дека ќе ја продолжам серијата“, вели светскиот рекет број 1, кој пред десет години имаше само две гренслем титули, а сега може да стане рекордер во машкиот тенис.