Голден стејт по поразот од 52 разлика на претходниот меч, утрово победи со плус 35

Голден стејт вориорс игра со огромни осцилации, доказ за тоа е што по дебаклот против Бостон, кога постигнаа само 88 поени и загубија дури со 52 поени разлика, веднаш се вратија на вистински пат и на наредниот меч уфрлија 78 поени само во прво полувреме и со 35 поени разлика (125-90) го совладаа Милвоки бакс, кој е втор на Истокот зад Селтикс.

Воините беа мотивирани и со 20 поени разлика го добија првото полувреме, потоа Елените ја намалија негативата, но Голден стејт последната четвртина ја доби со 32-9 и извојува убедлив триумф, со кој остана десетти на Западот, но има минимално заостанување зад осмиот Далас. За Бакс заврши низата од шест победи по ред.

Сакраменто го победи ЛА лејкерс со 130-120, а Дарон Фокс го изедначи личниот рекорд од 44 поени, додека Домантас Сабонис го направи 22-риот трипл-дабл сезонава, со што е лидер во НБА-сезонава. Леброн Џејмс имаше 31 поен и 13 скока на својот 1.477-ми меч од регуларна сезона во НБА, со што стана шести на вечната листа, надминувајќи го Карл Мелоун.

Феноменален трипл-дабл имаше Турчинот Алпер Шенѓун, кој со 23 поени, 19 скока и 14 асистенции придонесе за победата на Хјустон над ЛА клиперс.

- Оглас -

Најнови вести