Голем е раздорот кај Белгијците пред дуелот со Хрватска: Селекторот ги нападна играчите, тие пак почнаа да се препукуваат во медиумите

Репрезентацијата на Белгија, која на претходното Светско првенство го освои третото место, на Мундијалот во Катар игра очајно, а лошата атмосфера во соблекувалната се заканува да ги исфрли уште во групната фаза.

По две кола во групата Ф, Белгија има три бода од неубедливата победа од 1:0 над Канада во првото коло, додека во второто коло беа поразени од Мароко со 2:0 и за пласман во нокаут-фазата ќе мора да го победат актуелниот светски вицешампион Хрватска во третото коло.

Црвените ѓаволи во Катар допатуваа како едни од фаворитите за титулата, но по две кола се поблиску до враќање дома, а лошите игри предизвикаа раздор во соблекувалната.

Најдобриот играч на Белгија, Кевин де Бројне, изјави дека репрезентација на Белгија е премногу стара за да го освои Светското првенство, а по поразот од Мароко, селекторот Роберто Мартинес вината ја префрли на своите играчи.

„Тоа е повеќе прашање на состојба на умот, а не на недостаток на квалитет на техничко ниво. Сега е одговорноста на играчите, многу работеа со топката, а јас не ја видов нивната леснотија во играта“, рече Мартинес по поразот во второто коло.

Потоа се огласи и еден од најискусните играчи во репрезентацијата, дефанзивецот Јан Вертонген. Тој индиректно го прозва Кевин де Бројне така што ги критикуваше офанзивците за слабата игра.

„Веројатно слабо напаѓаме затоа што сме премногу стари, нели?“, се запраша Вертонген и дополнително го зголеми раздорот во соблекувалната на Белгија.

- Оглас -

Најнови вести