Шкендија со голот на репрезентативниот дефанзивен играч Висар Муслиу во 30-тата минута дојде до вредни три бода на гостувањето кај Академија Пандев и на десет кола до крајот на првата македонска фудбалска лига, побегна на 10 бода предност во однос на вториот Вардар.
За струмичани заврши серијата од три меча по ред без пораз во меѓусебните дуели со Шкендија.
Скопските „црвено-црни“ на гостувањето кај Победа, практично на неутрален терен бидејќи се играше во Охрид, одиграа без голови, и со тоа ѝ ја олеснија работата на Шкендија околу освојувањето на нова титула.
И во другите мечеви беше тесно, никаде немаше расположен тим кој ќе постигне повеќе од еден гол. Најблиску до тоа беа „лавовите“, кои имаа 100 процентна шанса за 2-0 во Кратово. Откако Кировски утна, во следната минута дојде жестока казна и Силекс од пенал израмни на 1-1.
РЕЗУЛТАТИ: Академија Пандев – Шкендија 0-1, Победа – Вардар 0-0, Работнички – Беласица 1-1, Ренова – Шкупи 1-0, Силекс – Македонија Ѓорче Петров 1-1.
ТАБЕЛА: Шкендија 59 бода, Вардар 49, Академија П. 45 (еден меч помалку), Ренова 36, Шкупи 33, Работнички 33, Македонија ЃП 31, Силекс 25, Беласица 23, Победа 19 (еден меч помалку).