Големиот турски фудбалски талент Арда Ѓулер, за кого се борат шпанските ривали Реал Мадрид и Барселона, вчера беше на чекор од договор со Каталонците, но најновите информации се дека денеска тој сепак одлучил да премине во Кралскиот клуб.
Ѓулер, кој е член на Фенербахче, каде што го носеше дресот со бројот 10, во Реал ќе се пресели за 20 милиони евра (Фенер би добил и 20 проценти од идна продажба на Арда) и треба да биде со првиот тим на подготвителните мечеви кои ќе бидат тест дали ќе остане во Мадрид или ќе биде позајмен во друг клуб.
Деко како претставник на Барса беше лично во Истанбул, на големо се пишуваше дека Арда ќе биде нов играч на Барселона, но можеби најголема заслуга за пресвртот има Месут Озил, кој телефонски разговарал со Ѓулер и му објаснил зошто е подобро да потпише за Реал отколку за Барселона.