Европската фудбалска асоцијација, УЕФА, донесе одлука неодиграниот меч помеѓу Романија и Норвешка да го регистрира со службени 3-0 за Романците и со тоа Северна Ирска практично без борба испадна во Лига Ц.
Играч на Норвешка беше позитивен на корона-вирус и мечот не се одигра, па со службената победа, Романија сега има 6 бода плус во однос на Северна Ирска и јасно е дека вечерва наместо директен дуел за опстанок во Лига Б, Северна Ирска и Романија ќе играат неважен натпревар.
Норвешка има рок од пет дена да ја обжали одлуката на УЕФА. И Норвежаните се оштетени, со службениот пораз можеби ги губат шансите за прво место и напредување во Лига А.