Француската репрезентација утревечер на свој терен ќе игра против Исланд во меч од квалификациите за СП 2026. Галските петли нема да може да сметаат на двајца важни играчи кои се повредија завчера на гостувањето кај Украина.
Франција победи и ги освои трите бода на стартот од квалификациите за пласман на СП 2026, но ги загуби Усман Дембеле и Дезире Дуе. Двајцата заработија повреди поради кои ќе мора да паузираат најмалку еден месец.
Дуе беше стартер на мечот, но беше заменет на полувреме, откако се пожали на повреда на листот. На негово место влезе Дембеле, но тој на теренот издржа едвај 35 минути. Дембеле заработи повреда на бутниот мускул и беше заменет од игра. Според лекарските проценки тој ќе паузира во следните шест недели.
Овие две повреди во репрезентативниот дрес на Франција се голем пех за Пари Сен Жермен, чии играчи се Дембеле и Дуе. Дембеле нема да може да игра на пет меча во првенството (Ленс, Марсеј, Лил, Стразбур и Ница), како и првите четири дуели во Лига на шампиони (Аталанта и Баерн Минхен дома, како и Барселона и Баер Леверкузен на гости).
Од ПСЖ се гневни на лекарите во репрезентацијата на Франција, затоа што тие им потенцирале дека двајцата не се целосно подготвени за настап, но и покрај тоа Дуе и Дембеле беа на теренот и се повредија.
„Инсистираме за итно воведување на нов, потранспарентен и посоработлив протокол за медицинско-спортска координација помеѓу клубовите и националниот тим, што ќе го направи здравјето на играчите и нивната медицинска поддршка апсолутен приоритет. Пари Сен Жермен, кој го следи здравјето на своите играчи во текот на целата година и има прецизни и детални информации, ѝ достави на федерацијата специфични медицински податоци пред почетокот на подготовките на француската репрезентација. Овие податоци се однесуваа на подносливото работно оптоварување и ризиците од повреди за неговите играчи. Клубот жали што овие медицински препораки не беа земени предвид од медицинскиот тим на националниот тим и што имаше целосен недостаток на комуникација и консултации со неговите медицински тимови“, со соопштение реагираа од ПСЖ.