Тони Блум, мнозинскиот сопственик и претседател на премиерлигашкиот клуб Брајтон, се најде во центарот на огромен скандал. Тој е обвинет за водење „таен синдикат за обложување“ вреден 600 милиони фунти (686 милиони евра). Во приказната наводно е вмешан и поранешниот шеф на кабинетот на британскиот политичар Најџел Фараж, преку чии сметки се правеле обложувања.
Според документи од Врховниот суд, Џорџ Котрел, близок соработник на лидерот на реформската партија, Најџел Фараж, бил задолжен за големиот синдикат за обложување и наводно „ги дал на контрола“ своите сметки за обложување. Во документите се наведува дека Котрел служел како „параван“ за синдикатот во кој бил вклучен и Блум.
Целиот случај е дел од правен спор меѓу Блум и неговиот поранешен соработник Рајан Дадфилд, чии адвокати тврдат дека му се должи добивка од обложувања во проценета вредност од 189 милиони фунти (216 милиони долари).
Се наведува дека колективот, познат како „Starlizard Betting Syndicate“, секоја година остварувал добивка од околу 686 милиони евра, а обложувањата се правеле преку сметки на „фудбалери, спортисти и бизнисмени“, стои во судските досиеа.
„Котрел не беше особено успешен коцкар и често губеше големи суми пари“, се наведува во документите и се додава: „Господинот Котрел му ги предаде на господинот Блум и на синдикатот контролните права над своите сметки за обложување, така што не беше потребно да се испраќаат обложувања кај господинот Котрел за да ги постави тој“.
Иако вкупните добивки на синдикатот не се познати јавноста, Дадфилд тврди дека можеби му се должи дури 17,5 милиони долари, бидејќи неговиот договор за поделба на добивката наводно му гарантира 7% од заработката.
„Тужителот беше информиран дека користењето на сметките на господинот Котрел од страна на синдикатот престанало“, стои во документите.
„Всушност, господинот Мекаливи и господинот Котрел знаеја дека синдикатот продолжува да ги користи сметките за обложување на господинот Котрел и двајцата знаеја дека се остварени, односно можеле да се остварат, многу значајни профити како резултат на поставените и идните обложувања.“
Претседателот на Брајтон, Тони Блум, е еден од најуспешните светски коцкари, а поголемиот дел од своето богатство го стекнал преку покер и слични активности. Како долгогодишен навивач на Галебите, Блум во 2009 година стана претседател на клубот и наскоро обезбеди 75% сопственички удел со вложување од 106 милиони евра во развојот на стадионот.
Под негово водство, клубот од тим од третата лига стана стабилен член на Премиер лигата, а впечатлив е и со одличниот скаутинг систем. Брајтон оствари огромна заработка со продажба на играчи како Мојсес Каиседо, Алексис Мекалистер, Ив Бисума, Жоао Педро, Марк Кукурељa и Бен Вајт.
Минатата сезона, тимот под водство на Фабијан Хурцелер заврши на осмото место.
Што следи? Адвокатите кои ги застапуваат Котрел и Блум биле контактирани за коментар, но Блум сè уште не поднел одбрана против тужбата. Што се однесува до спортските настани, Брајтон влегува во забрзан празничен распоред. По дуелот со Астон Вила (3-4), до крајот на годината ги очекуваат натпревари против Вест хем, Ливерпул, Сандерленд, Арсенал и повторно Вест хем.

