Куманово забележа голема победа против МЗТ Скопје со 99:95 израмни на 1:1 против аеродромци во четвртфиналето на плејофот и си обезбеди мајсторка.
Трет меч ќе има во единствената од четирите плејоф серии што не заврши во два меча, откако денеска Работнички, Еуроникел и Пелистер повторно ги победија ривалите и со 2:0 се пласираа во полуфиналето.
Предводени од одличниот Отис Ливингстон, Кумановци имаа предност на полувремето од 52:46 во неизвесен меч што беше решен во самиот финиш.
Домаќините поведоа со 78:71 на почетокот на последниот период, но кошаркарите на МЗТ Скопје со серија од 7:0 израмнија. Потоа следеше вистонска драма во последните три минути.
Се играше кош за кош, а Ливингстон на 25 секунди до крај погоди тројка, потоа и погоди клучни поени од слободни фрлања за 99:95 и го реши мечот. Тој беше и најефикасен кај Куманово со 24 поени, пред Андрејевиќ со 17 и Џекиќ со 16.
Кај МЗТ Скопје најефикасен беше репрезентативецот Дамјан Стојановски со 24 поени, а во финишот на мечот гостите во игра ги држеше Бојан Крстевски со 8 поени во последните три минути, или вкупно 14.
Мајсторката ќе се игра во недела во Скопје.
Работнички вечерва по вторпат го победи ТФТ Скопје, сега со 86:80 и се пласира во полуфиналето, каде ќе игра против Еуроникел, екипа која го елиминира Гостивар со 2:0 во победи.
Пелистер на убедлив начин ги исфрли од игра Академците на ФМП и го чека победникот од серијата меѓу Куманово и МЗТ Скопје во полуфиналето на плејофото за титулата.