Ракометната репрезентација на Македонија за играчи до 20 години одигра нерешено 20:20 во дуелот против Австрија, во третото коло од групната фаза на Европското првенство. Со ова реми, Македонија остана на второто место со 4 бода (една победа и две реми), а Австрија ја задржа челната позиција со 5 бодови (две победи и едно реми).
Македонските таленти има за што да жалат, затоа што беа на чекор од победа против Австрија. Во првото полувреме Австриците го контролираа резултатот и најчесто беа во водство, најмногу со три гола (4:1), а на полувреме се замина со резултат 11:10.
Македонија прв пат поведе на почетокот од вториот дел со 13:12, а при резултат од 14:14, следуваше низа од 3:0 за Македонија и во 48 минута резултатот беше 17:14 за нашата селекција.
За жал, оваа добра предност не беше сочувана. Следуваше серија од четири гола по ред за Австриците кои поведоа со 18:17. Потоа Македонија водеше со 19:18, Австрија возврати со два гола за 20:19, а до крајот на дуелот нашите израмнија, но не успеаа да победат, што беше потребно да стигне до првото место и Топ 8 селекциите во Европа.
Голманот Галевски беше одличен и имаше 15 одбрани, а прв стрелец беше Узунчев со осум погодоци. Солиден беше и Белистојановски кој постигна пет погодоци од десет обиди.
Македонија сега ќе продолжи со настапи со селекциите кои ќе се борат за пласман од 9 до 16 место.