Какво лошо коло минавме викендов со сензационални изненадувања и големи падови на фаворитите. Си правам осврт понеделнички и ми текна на лектирата на Бошко Смаќоски „Големи и мали“.
Насловот е тамам, не смачкаа и големи и мали, и апсолутни фаворити од рангот на Баерн, Реал Мадрид, Милан, Тотенхем, Лион, Партизан…, и таканаречените мали екипи, а големи фаворити од калибарот на Штуггарт, Лајпциг, Рапид, Салцбург, Атлетик Билбао…
Редот е голем и кој успеал да ги прегрми сите изненадувања, секоја чест на добивката. Ваква лоша рунда нема ниту грогиран боксер во рингот.
Обложувачката мака е голема, но предавања нема. Сега на ред е Лигата на шампионите, со натпревари што секогаш имаат посебен шарм.
Сега некако поинаку ни изгледа и улогата на селекторот. По викенд-потопот, тешка е задачата да се најдат сигурните двојки.
Но, можеби и нас ќе нè огрее сонце, па некако сигурно изгледаат победите на Атлетико Мадрид, Јувентус, Манчестер сити, Баерн, Тотенхем, Ливерпул, Барселона и Реал Мадрид. Од тие во рангот на големите фаворити.
Сега во ист стил ќе одиме со таканаречените мали екипи, што имаат поголеми квоти. Тие носат убав ќар, а во тој ранг селекторот ви предлага да одиграте кец на Шахтар, кец на Лајпциг и двојка на Наполи. Гарнирано со Гол-Гол на Ајакс – Челзи и ист предлог на мечот Бриж – ПСЖ. Изгледа добитно, само да не се случи реприза од црниот викенд што е зад нас.
Домашен фудбал – Кој прв почна…
Некако ќе ви падне и жал кога ќе се обидете да направите споредба на нашиот домашен фудбалски производ и силните странски лиги, особено оние од Топ-5 во Европа.
Толку сме блиску географски, а толку далеку фудбалски. И што е најтрагично, не знаеме кој прв почна, ниту се наѕира кој прв ќе почне да ги санира руините во нашиот домашен фудбал… Кој е виновен за слабиот квалитет, за негледливи натпревари, со публика што на одредени стадиони се брои и на прсти, со стадиони што личат на сè, само на фудбалски арени не.
И наместо конечно да се донесе некаква стратегија за развој, за приближување на стандардните што се повисоки во врвниот европски фудбал, ние си тапкаме во место.
Со истите обвинувања и барање вина во сите останати, само не во својот двор. Клубовите велат ФФМ е виновна, од куќата на фудбалот покажуваат со прст кон клубовите, играчите играат за трошки во однос на европскиот просек, публиката не сака да гледа нешто што не е привлечно во ниту еден сегмент од фудбалската игра. Ни напред, ни назад, тапкај си во место.
Вардар тргна, па застана, беспарица е. Шкендија тргна, па застана, таму има премногу пари и многу бабици, па детето се бори за опстанок. Шкупи најави спектакуларни проекти, но и таму нешто „шкрипи“. Работнички е последен, нема ни „р“ од романтика. Ренова е секогаш тука некаде, два чекори напред, три назад. Освежување донекаде се Академијата на Пандев и Македонија Ѓорче Петров.
Колку и да е нетипичен и изнуден примерот на Вардар, можеби го покажува светлото за излез од тунелот. Принудени да играат со помлади фудбалери, поради забраната за трансфери и финасиската криза, најтрофејниот клуб е лидер на табелата. Младинската Академија на „црвено-црните“ си дава резултати, иако и тука имаше многу пропусти, па си заминаа за без пари неколку големи таленти.
Македонскиот фудбал не може во ниту еден сегмент да се носи со европскиот просек, не па со европскиот крем. Шансата е во работа со младите категории, да се има трпение, да се форсираат талентите, да се има верба. Македонија, како и сите балкански земји, е непресушен извор на фудбалски надежи, што треба правилно да се насочуваат. Да не остариме со празни стадиони, чекајќи да им дадете шанса на младите.