Големи проблеми за Челзи – Абрамович ја кочи продажбата, договорот со Боели може да пропадне

Роман Абрамович ја кочи продажбата на Челзи преку фирмата „Кемберли интернешнл инвестментс“, која е дел од сопственичката структура на клубот и има побарување од 1.6 милијарди евра од „Фордстам ЛТД“, уште една фирма која фигурира како дел од инвестициите на рускиот олигарх во клубот од Лондон.

Абрамович со соопштение при најавата дека ќе си замине од Челзи и ќе го продаде клубот објави дека нема да има проблеми при купопродажбата на ланскиот европски првак, но се уште не дал законски гаранции дека тоа и ќе го стори.

Долгот меѓу две фирми за кои официјално не е потврдено дека имаат врска со Абрамович, но има сомневања дека се блиски до него и фигурираат во сопственичката структура на Челзи може да ја уништи купопродажбата што мора да се случи во следните 15-на дена.

Британската Влада му даде ток на Челзи да изврши трансформација на власта до 31. мај, рок што мора да се запази, за да не дојде до големи проблеми кај клубот од Лондон.

Американскиот милијардер Тод Боели понуди 4.25 милијарди фунти за да го купи Челзи и тој изјави дека нема да се откаже, но проблем е рокот.

Челзи ризикува да ја загуби лиценцата за натпреварување во Премиерлигата, дури и да биде исфрлен од Лигата на шампионите, ако не потврди со гаранции дека има нов сопственик.

Боели дури и беше на трибините на последните два меча на Челзи, но извор од Владата на Велика Британија во изјава за англиските медиуми објави дека купопродажбата на клубот не оди мазно и дека може да има големи проблеми.

Челзи во последните два месеци функционира под посебни услови и ограничувања пропишани од страна на Британската влада, а тие важат до крајот на овој месец, кога мора да се изврши примопредавање на власта во Челзи и Боели и официјално да стане нов сопственик на клубот од Лондон.

- Оглас -

Најнови вести