На 11 октомври во Лесковац ќе играат Србија и Албанија, меч кој на крајот може да се покаже како решавачки околу трката за освојување на второто место во групата во квалификациите за пласман на Светско првенство 2026 година. Англија е прва во оваа група со максимални 15 бода, а Албанија моментално е на второто место со осум бода од пет меча. Србија има седум бода, но од четири средби.
Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси, се соочува со проблеми околу составувањето на тимот за дерби-пресметката во Лесковац.
Фудбалерот на Лајпциг, Коста Недељковиќ, има повреда на коленото на десната нога, а првите проценки се дека ќе мора да паузира неколку недели, што значи дека нема да биде подготвен за дуелот на 11 октомври. Десниот бек беше стартер на последниот меч за Србија против Англија, што значи дека ќе мора да се бара алтернативно решение за таа позиција.
Јасно е дека Србите ќе бидат и без заменик-капитенот Никола Миленковиќ, кој е суспендиран по црвениот картон што го доби во дуелот со Англија. Едноставно селекторот Стојковиќ ќе има многу проблеми да го одбере најдобриот тим во обид да ја победи Албанија, а со тоа и да го преземе второто место на табелата.