Големиот шампион во карате предлага реален шампионски тикет

Дејан Недев, еден од најтрофејните македонски спортисти, и покрај многуте ангажмани околу традиционалното карате, најде време да се придружи на хуманитарната акција на обложувалниците Sport Life и состави тикет кој се надева дека ќе биде добитен за парите да завршат таму каде што има потреба и многу би значеле.

ПРЕМИЕР ЛИГАТА И БУНДЕСЛИГАТА МУ СЕ ОМИЛЕНИ, ИГРАЛ ГЕРМАНСКО ЛОТО

Недев не е преголем љубител на фудбалот, но знае да погледне дерби-натпревари од англиското или германското првенство или кога има големи настани како Светското првенство и финалето на Лигата на шампионите.

„Јас не сум многу по обложувањето, за разлика од брат ми Аљоша. Што се однесува до фудбалот, најмногу ги следам англиското и германското првенство. Омилен тим во Англија ми е Челзи, а во Германија навивам за Баерн. Минатата година кога бев во Лондон, ми се исполни желбата да гледам во живо еден натпревар на Челзи“, вели Недев.

Дејан немал позначајни добивки на наградни игри и за себе смета дека нема среќа во такви работи, па затоа ретко можете да го видите во обложувалница, но кога е во Германија, знае да уплати ливче на тамошното лото.

„Не е дека не сакам фудбал или други спортови, туку едноставно немам време, доста сум ангажиран и преокупиран со каратето. Во Германија сум играл лото, но досега не сум имал никаква добивка. Мислам дека не сум некој што има среќа во игри на среќа“, вели Недев.

МЕДАЛ НА СП ВО БРАЗИЛ БИ БИЛ КРУНА НА КАРИЕРАТА

Ќе треба многу време и простор да се набројат медалите кои Дејан Недев ги има освоено во традиционално карате. Тој е веќе при крај со кариерата, неколку години работи и како тренер, па затоа Светското првенство во Бразил во декември би сакал да го заврши со медал, што би му било круна на богатата кариера.

„Во јуни освоив злато во кати на Европското првенство во Романија, имав успеси и на турнирите во Прага и Берлин. Тоа ми се најдобри резултати годинава, а од 6 до 9 декември ќе учествувам на СП во Бразил, каде што не сум фаворит за злато бидејќи има млади кои се одлични, но ќе се обидам да освојам некој медал“, посакува Недев.

Македонската репрезентација на сениорското СП во Бразил ќе ја претставуваат Дејан и Аљоша Недеви и Љупчо Миленковски.

ВО ТРАДИЦИОНАЛНОТО КАРАТЕ ИМАМЕ ПОТАЛЕНТИРАНИ ДЕВОЈЧИЊА ОД МОМЧИЊА

Дејан, Аљоша и Јадранка беа феноменални наследници на нивниот татко и тренер Венцислав, а сега и третата генерација Недеви почнува да се појавува на сцената.

„Имаме наследници, а некако девојчињата како да се поталентирани од машките. Имаме квалитетни кадетки како Мила Саздова и Антонија Белазелкоска, од машките тука се нивните врсници Димитри Влахо и Ведран Андоновски. Тие се иднината на македонското традиционално карате. Неодамна на СП во Штутгарт, ќерка ми Камелија освои злато во категоријата на најмладите, до 7 години. Таа е најдобра од своите врснички во Македонија, верувам дека ќе тргне по моите стапки, а очекувам и од синот кога ќе порасне да биде каратист. Тоа е неизбежно во нашето семејство“, вели Дејан, а и неговиот брат и сестра имаат деца кои би можеле еден ден да станат трофејни каратисти.

Доколку хуманитарниот тикет биде добитен, а според квотите тоа е реалност, Недев парите ќе ги донира кај едно девојче кое боледува од церебрална парализа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести