Лазар Марковиќ се враќа во Партизан. Српските медиуми пренесуваат дека некогашниот репрезентативец и неодамнешен играч на Ливерпул повторно ќе го облече црно-белиот дрес. Марковиќ кариерата ја започна во Партизан, а потоа направи трансфер во Бенфика. Само по една година помината во португалскиот тим, Марковиќ замина во Ливерпул.
Иако помина пет години како играч на англискиот гигант, Србинот не успеа да се докаже. Одигра 20-тина меча за Ливерпул, а поголем дел од времето беше позајмен, и тоа во екипите на Фенербахче, Спортинг, Хал и Андерлехт.
Договорот на Марковиќ со Ливерпул заврши летово и тој беше слободен играч, па немаше никаква пречка за Партизан да го врати во своите редови. Во првиот дел од кариерата како играч на Партизан, крилниот офанзивен играч одигра 46 меча и даде 13 голови.