Голгетерот Халанд повторо ги тресе мрежите, Гвардиола влезе во друштво на Фергусон и Венгер

По поразот во дербито од Ливерпул, екипата на Манчестер сити брзо се врати на победите. Граѓаните на свој терен со 3:1 славеа против Брајтон и стигнаа до 26 бодови од 11 кола.

Ерлинг Халанд повторно беше најзаслужен за триумфот на шампионот. Голгетерот кој летово дојде во Сити, постигна два гола во првото полувреме и најави дека фаворитот нема да има проблеми да стигне до трите бода.

Првиот гол на Халанд беше во 22 минута, а пред крајот на полувремето Норвежанецот погоди и од пенал за 2:0. Ова е седми дуел по ред на домашен терен на кој Халанд постигнува барем еден гол, повторувајќи го подвигот на Серхио Агуеро од 2018 година.

На почетокот на вториот дел Тросард намали на 1:2 и даде мала надеж за Брајтон, но Де Брујне со погодокот во 75 минута зголеми на 3:1 за Сити, што на крајот се покажа и како конечен резултат.

На овој меч дополнителна причина за радост имаше и тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, кој влезе во друштво на Сер Алекс Фергусон и Арсен Венгер во една категорија. Тој е само третиот тренер кој успеал да предводи еден клуб да постигне 600+ погодоци во Премиер лигата.

Три гола на домашен терен за три бода освои и Евертон против Кристал Палас. Калверт-Луис погоди за 1:0 во 11 минута, а потоа домаќините во вториот дел постигнаа уште два гола. Гордон зголеми на 2:0, а Мекнил го постави конечниот резултат.

Изненадувањето на денот го направи Нотингем Форест кој со 1:0 славеше против Ливерпул.

- Оглас -

Најнови вести