Има само уште две кола да се доиграат за да биде комплетирана првата полусезона во англиската Премиер лига. По 17 одиграни меча, Арсенал е на врвот на табелата со 39 бода, два повеќе од Манчестер сити, додека Астон вила е трета со 36 бода. Токму овие три клуба се издвоија како најсериозни кандидати за титулата затоа што четвртиот на табелата, тимот на Челзи, веќе има двоцифрено заостанување во однос на лидерот Арсенал.
Арсенал има вкупно 13 титули во англиското првенство, но поминаа повеќе од две децении од освоениот последен трофеј во домашниот шампионат. Топчиите веруваат дека постот кој трае од 2004 година, конечно ќе заврши, а еден од оние кои треба да бидат лидери кон освојување на шампионскиот трофеј е голгетерот Виктор Ѓекереш.
Шведскиот репрезентативец кој на почетокот на оваа сезона дојде во лондонскиот тим потенцира дека мора да останат фокусирани во текот на целото првенство затоа што долг е патот до освојувањето на трофејот.
„Секогаш се обидувам да го дадам својот максимум во секој натпревар. Доаѓањето во нов клуб со себе носи обврска да се прилагодам на системот на игра, улогата на теренот и барањата на тренерот. Тоа е процес што бара време и трпение. Во моментов играме добро и постигнуваме одлични резултати. Нашите позиции во домашното првенство и во Европа се многу добри, но тоа не значи ништо ако не продолжиме да работиме на ист начин. Континуитетот е клучен“, вели Ѓекереш.
Доаѓањето на поранешниот напаѓач на Спортинг предизвика голем јавен интерес, особено поради износот на трансферот. За реализација на овој трансфер Топчиите издвоија околу 70 милиони евра, јасно покажувајќи колку веруваат во неговиот квалитет и потенцијал.
Засега Ѓекереш ги оправдува очекувањата. Во тековниот дел од сезоната тој постигна седум гола на 20 настапи во сите натпреварувања, а неговиот придонес не се мери само со голови, туку и со работа без топка, вршење притисок врз одбраната на противникот и отворање простор за своите соиграчи. Во соблекувалната на Арсенал има здрава конкуренција, а Ѓекереш истакнува дека ова го подигнува нивото на целиот тим.
Освен во Премиер лигата, Арсенал е фокусиран и на останатите натпреварувања. Топчиите вечерва на свој терен ќе играат против Кристал палас во меч од четвртфиналето во Лига купот на УЕФА.

