Голгетерот откри дека летово ќе има нов клуб

Екипата на Лил во следната сезона ќе остане без еден од најдобрите фудбалери. Голгетерот Џонатан Дејвид самиот откри дека на крајот од сезоната ќе си замине од францускиот прволигаш.

Канадскиот репрезентативец од Лил ќе си замине како слободен играч затоа што неговиот договор истекува за еден и пол месец. Најавите се дека Дејвид кариерата може да ја продолжи во италијанската Серија А, и тоа во тимот на Наполи, но засега нема ниту официјално.

„Секоја историја има свој крај. Сакам да кажам дека по толку многу години, време е да кажам збогум“, откри самиот фудбалер на својот инстаграм-профил.

Дејвид помина пет сезони во тимот на Лил. Одигра 231 натпревар, во кои постигна 109 гола, а имаше и 30 асистенции. Тој беше еден од творците на историската сезона на Лил кога во 2021 година стигнаа до титулата во француското првенство.

Во сезоната којашто сега изминува, Дејвид одигра 48 натпревари и постигна 25 гола.

 

- Оглас -

Најнови вести