19.8 C
Skopje
вторник, 29 јули 2025

ГОЛМАН – кобната позиција поради која Македонија доби елиминација од ЕП

Со една победа и два порази, Македонија не успеа да стигне до една од првите две позиции во групата, па затоа за нашите ракометари заврши Европското првенство во Виена. За прв пат по две децении не сме дел од главната фаза, а меѓу многуте причини за неуспехот, ќе се најде и еден клучен збор. Тоа е ГОЛМАН.

Голманската позиција се покажа како клучна на сите три меча на кои играше Македонија. На првиот дуел, голманскиот џокер беше на наша страна. Никола Митревски бранеше одлично против Украина, успеа да фати неколку зицери и тоа кога се кршеше резултатот. На крајот имаше 14 одбрани и според многумина тој требаше да биде прогласен за играч на мечот.

Тоа што голманот „нѐ спаси“ против Украина, ни се врати како бумеранг. Против Чешка, ветеранот Мартин Галија кој има 40 години се покажа како клучен за победата на противникот. Галија имаше 14 одбрани, фати топки кога Македонија ја бркаше негативата на ривалот и на крајот голманот на Чешка ја доби наградата за играч на мечот. Едноставно нашите во нападот со своите промашени зицери, го направија Галија да биде херој на Чешка.

За клучниот меч против Австрија, речиси сите во македонскиот табор беа едногласни, а тоа е дека: Одбраната ќе го реши победникот. Играчите беа свесни дека мора да се одигра цврсто во дефанзивата, но сепак, зборовите дадени во хотелот „Хилтон“ во Виена, едноставно испарија во салата „Штадхале“.

Австриците како да се светска велесила, постигнуваа голови речиси кога сакаа. За разлика од нив, нашите се мачеа да погодат. Затоа по само 37 минути игра, сѐ беше јасно, кога Австрија поведе со 24:13. Речиси двојно помалку голови имаа примено Австриците што покажува дека тие знаат како треба да се одигра дефанзива.

На крајот, повторно Македонија загуби и повторно гостинскиот голман ја доби наградата за најдобар играч на мечот. Чуварот на мрежата на Австрија, Томас Ечбергер имаше 15 одбрани и 37 отсто успешност, што беше повеќе од доволно за да биде МВП на средбата, а Македонија да загуби и да се спакува за излез од Европското првенство.

- Оглас -

Најнови вести