Манчестер јунајтед внимателно ја следи ситуацијата околу голманот на Брајтон, Барт Вербруген, како потенцијално засилување на голманската позиција. Според медиумите на Островот, клубот од „Олд Трафорд“ веќе размислува за нов чувар на мрежата по неубедливите настапи на Андре Онана од почетокот на сезоната.
Сепак, Јунајтед најпрво треба да ја одреди иднината на Онана.. Поради тоа, постои можност клубот да се обиде да го продаде летово. Сепак, тоа би можело да биде предизвик поради високата отштета и годишната плата на голманот.
Во исто време, Црвените ѓаволи сакаат да бидат подготвени за евентуална разделба со Онана. Скаутите на клубот веќе анализираат потенцијални кандидати, а Вербруген оставил силен впечаток и се наоѓа на врвот на листата.
Дваесет и двегодишниот голман од Холандија беше ангажиран во Брајтон пред 18 месеци од Андерлехт за околу 20 милиони евра. Неговите одлични настапи ја зголемија неговата вредност, па сега Галебите бараат двојно повеќе за неговите услуги.
Покрај интересот од Манчестер јунајтед, Вербруген е цел и на други големи европски клубови, вклучувајќи го и Баерн Минхен, што дополнително ја комплицира ситуацијата за Црвените ѓаволи.