Голманот на Фиорентина беше визионер што ќе се случи на дуелот со Јувентус, но падна на тестот

Јувентус остана на чело на табелата во Серија А откако со 3:0 ја победи Фиорентина и освои нови три бода. Кристијано Роналдо ја продолжи неверојатната серија погодоци. Веќе има 14 гола во последните 10 средби, по деветти пат во низа стрелаше во Серија А, а со тоа го израмни рекордот на Давид Трезеге.

Против Фиорентина, Роналдо даде два гола, и двата од пенал. Првиот пат погоди во 40-тата минута, а потоа прецизен беше и во 80-тата минута, додека победата на Јувентус ја потврди де Лихт со погодок во судиското надополнување. Пред почетокот на мечот, голманот на Фиорентина, Бартломеј Драговски, како да знаеше дека на гостувањето во Торино ќе треба да се обиде да брани пенали на Роналдо, па најави дека ги проучувал шутевите на Португалецот од белата точка.

„Го проучував Кристијано Роналдо. Знам како тој ги шутира пеналите. Нема да ви откријам која е мојата претпоставка за тоа каде би го шутирал пеналот затоа што може да го чита ова и да промени. Сепак, најдобро би било воопшто да нема пенал“, рече Драговски пред дуелот со Јувентус.

За жал на Драговски, не само што имаше пенал за Јувентус, туку судијата двапати покажа на белата точка, што значи дека голманот на Фиорентина имаше две шанси да покаже дали добро го проучил начинот на кој Роналдо шутира. На крајот билансот е два пенали за Роналдо и два гола за Јувентус.

 

- Оглас -

Најнови вести