Голманот Пепе Реина објави крај на кариерата и „се закани“ дека ќе стане тренер како Флик

Мечот Комо – Интер од италијанската Серија А кој ќе се игра в петок вечерта ќе биде последен во кариерата на 42-годишниот голман Пепе Реина.

Ветеранот Реина објави дека ја завршува својата 26-годишна кариера како професионален голман и дека ќе работи како тренер.

Реина оосвои многу трофеи во својата кариера. Со репрезентацијата на Шпанија беше и светски и европски првак, со Виљареал го освојуваше Интертото купот, со Ливерпул има ФА куп, додека беше во Наполи го зеде Купот на Италија, има шампионска титула во Бундеслигата со Баерн Минхен.

Тој останува во фудбалот и ќе ја тренира академијата на Виљареал.

„Одлуката ја донесов уште во јануари. Разговарав со сопругата и заедно одлучивме. Ова е крај на една навистина прекрасна кариера. Многу исполнет живот. Се чувствувам среќен што можам да се осврнам назад и да видам сè што сум постигнал. Помина долго време. Мислев дека мојата кариера ќе трае многу пократко, но мислам дека дојде време. Сакам да застанам тука. Фудбалот ми е во крвта и ќе ми биде тешко да го напуштам. Сакам да започнам нови проекти“, сподели Реина во интервјуто за  „Мовистар“ на кое ја објави одлуката.

Реина имаше многу тренери низ кариерата, ќе се обиде да го копира најдоброто од секој од нив и најави каков фудбал ќе практикува.

„Моите тимови ќе играат како тимовите на Флик, со многу висока линија, хахаха“, се пошегува Реина, а потоа продолжи со посериозен тон. „Ќе видам какви играчи имам и така ќе играм, убедувајќи ги во моите идеи“.

- Оглас -

Најнови вести