По 82 дена поминати во болницата во Севиља, каде што лекарите се бореа за неговиот живот, голманот на Пари Сен Жермен, Шпанецот Серхио Рико денеска конечно излезе од болница.
Рико на 28 мај имаше пад од коњ, при што се здоби со сериозни повреди на главата. Во прво време борбата беше за живот, а откако најлошото помина, состојбата на Рико се подобруваше и тој сега доби дозвола да си оди дома со сопругата Алба Силва, која постојано беше покрај него и му беше најголема поддршка.
„Фала му на Бога што сум жив и што излегов од болница. Се чувствувам добро, иако аневризмата не е целосно контролирана, треба да мирувам уште неколку месеци. Беше како на сон. Се разбудив во болница, сопругата со мене поминуваше по 20 часа дневно. Без нејзина поддршка ова не би било можно. Им благодарам на сите за поддршката“, рече Рико, кој загубил многу килограми, а полека почнува да му се враќа на нормалниот живот, иако можеби за него спортската кариера е завршена.