Голманот Томовски нема дилеми: Вардар оди на две победи против Загреб

Голманот на Вардар, Мартин Томовски, очекува успех на двојниот европски шампион во двомечот во СЕХА-лигата против Загреб и утре во Скопје и на гости на 31 август.

Се игра четвртфиналето меѓу две познати екипи и европски гиганти, а само една од нив ќе се пласира на фајналфор-турнирот во Регионалното натпреварување.

„Загреб добро се засили и особено инсистираат на добра игра во одбраната. Тоа им е подобриот дел од екипата, па ќе мора да одиграме на врвно ниво за да ги елиминираме. Вардар секогаш оди на победа, а се надевам дека ќе успееме двапати да триумфираме и да се пласираме на фајналфор турнирот во Задар“, изјави Томовски.

Првиот меч меѓу Вардар и Загреб ќе се игра утре, во „Јане Сандански“ во Скопје, од 20.15 часот со присуство на публика.

Вардар е рекордер во СЕХА-лигата со пет титули во досегашните 9 изданија на натпреварувањето, а еден пехар има и Загреб. Само уште Веспрем ја има освојувано шампионската круна, и тоа трипати, а унгарскиот состав е актуелен бранител на пехарот.

Фајналфор-тунирот во Задар ќе биде јубилеен 10-ти во СЕХА-лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести