Манчестер сити е на прагот од пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите откако синоќа со 3:1 славеше на гостувањето кај Копенхаген, па на реваншот пред своите навивачи ќе треба рутински да ги одработи вторите 90 минути. Фил Фоден во 92-рата минута го даде погодокот за 3:1, со кој Граѓаните многу покомотно ќе го дочекаат возвратниот дуел.
Овој погодок на Фоден всушност беше и историски затоа што Сити успеа да направи нешто што не му успеало на ниту еден друг тим во Лигата на шампионите. Актуелниот англиски и европски првак стана првиот клуб кој успеал на седум меча по ред да постигнува по три погодоци.
Во групната фаза Сити имаше перфектен биланс од шест победи, и тоа против Лајпциг (3:1 и 3:2), против Јанг Бојс (3:1 и 3:0) и против Црвена ѕвезда (3:1 и 3:2). Синоќа со 3:1 беше поразен и данскиот ривал Копенхаген за седум победи од седум меча и историски прв клуб што седум средби по ред постигнува по три гола во ЛШ.