Горан Пандев, немој да одиш во пензија, ќе ѝ требаш на Македонија и за на Светско првенство!

Македонија првпат играше против најтрофејната европска репрезентација, а тоа е Германија и ПОБЕДИ. Нашите фудбалски јунаци уште еднаш ја израдуваа целата нација и покажаа дека кога сите се сплотени како едно големо семејство, резултатите сигурно ќе дојдат.

Горан Пандев е лидерот на оваа селекција. Капитен на теренот, капитен и надвор од него. Иако има 37 години, Пандев е феномен на кој се чуди голем дел од фудбалскиот свет. Кога топката е кај популарниот Гоче, нема шанси противникот да ја освои. Тој е играчот кој знае да го даде вистинското додавање кога е потребно, но и да се намести на вистинската позиција кога треба да се реализира во најважните моменти.

Токму со неговиот гол од пред неколку месеци, Македонија се израдува на пласман на првото, историско Европско првенство. Дека уште е во иста форма, Пандев покажа синоќа на дуелот во Дуисбург.

Кога беше најпотребно, Пандев се најде на вистинското место во 45-тата минута и ја затресе мрежата на Тер Штеген за водство од 1:0 на полувреме. Токму тој гол беше доказ дека можеме да ја изненадиме Германија, фаворитот кој 20 години немал пораз на свој терен во квалификации за СП.

Пандев најави дека ќе се пензионира по завршување на Европското првенство, но првите три меча од овие квалификации за СП 2022 година покажуваат дека Македонија има сили да атакува и на пласман на Мундијалот. Имаме шест бода и сме пред Германија и Романија на табелата, а интересно е што пред нас, на лидерската позиција е Ерменија.

Убаво е да се стави крај на една блескава кариера со настап на големо натпреварување. Но, ако играте како што игра Пандев и ако имате шанса да се борите за пласман на Светското првенство, како што има Македонија, тогаш дефинитивно е за размислување дали Пандев треба да се повлече ова лето од активно играње.

Горан Пандев, уште си ѝ потребен на оваа репрезентација, потребен си да ѝ носиш нови радости на Македонија!

- Оглас -

Најнови вести