Горан Пандев е избран за делегат во ФФМ од страна на Општинскиот фудбалски сојуз на Струмица и ова се толкува како чекор кон обидот да стане прв човек на Фудбалската федерација на Македонија.
Пандев на крајот на сезонава става крај на играчката кариера и како член на Собранието на ФФМ, како претставник на ОФС Струмица, има право да се кандидира за претседател.
Покрај Пандев, ОФС Струмица ги избра и Ѓорѓи Гоцевски и Ванчо Коцев за делегати на собранието на ФФМ. Сега се очекува потврда на нивните мандати од Федерацијата за да можат да учествуваат на годишното собрание кое треба да се одржи овој месец.
Горан Пандев веќе подолго време е во „војна“ со актуелното раководство на ФФМ, повеќе пати изразуваше незадоволство од некои потези на луѓето кои го водат фудбалот во Македонија.