Горан Станиќ: Верувам во потенцијалот на младите, битно е да разберат што се бара од нив

Горан Станиќ официјално беше претставен како селектор на репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година како замена за Драги Канатларовски кој беше разрешен од функцијата поради лоши резултати.

Станиќ кој е актуелен тренер на Работнички, во минатото имаше успеси со младинските селекции до 17 и 19 години.

„Сакам да се заблагодарам на претседателот и неговиот тим во федерацијата за укажаната доверба. Да се биде предводник на репрезентативен состав само по себе претставува голема чест и привилегија, но оваа функција носи и голема одговорност. Многу добро знам што ме очекува и максимално подготвено влегувам во предизвикот. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата и довербата што ја добив. Во кариерата секогаш сум бил сериозен, професионален и посветен кон работата, така ќе биде и овој пат“, вели Станиќ.

Новиот селектор на нашите надежи до 21 година беше и на Европското првенство 2020 година како дел од стручниот тим на тогашниот селектор на А репрезентацијата на Македонија.

Под негова палка, Работнички сезонава се наоѓа на делба на првата позиција заедно со Силекс и Шкендија.

Станиќ верува дека младата репрезентација на Македонија до 21 (генерација 2004 и 2005) има голем потенцијал.

„Новата генерација несомнено е дека располага со голем квалитет и потенцијал. Голем дел од фудбалерите веќе се стандардни во своите екипи и имаат стекнато прволигашко искуство. Повеќето од играчите добро ги познавам. Располагаме со квалитет што ни дава за право да се надеваме на добри резултати. Очекувањата од претходниот квалификациски циклус за пласман на ЕП беа големи, особено по одличниот старт и победата над Шведска во првото коло на гостински терен. Мислам дека имавме потенцијал да оствариме подобар пласман, но не оди секогаш според планираното“, додава Станиќ.

„Планирам да имплементирам мои методи и принципи на работа во кои цврсто верувам и мислам дека ќе ни дадат резултат. Битно е фудбалерите да разберат што е тоа што ќе се бара од нив, а моја ќе биде одговорноста како и на кој начин ќе им го презентирам тоа, а се со цел да имаме подобра комуникација и разбирање на теренот. Промени ќе има, со оглед на тоа што ова е нова генерација. Фудбалерите што беа дел од претходните квалификации немаат право за настап во следните квалификации, така што е природно да има промени. Право на настап ќе имаат фудбалерите родени во 2004 и 2005 година, но секако дека ќе добијат можност и некои фудбалери кои се родени 2006 година“, заклучува селекторот на У-21 тимот.

- Оглас -

Најнови вести